Нова „џамиска рута“ за мигрантите преку Балканот

Шефот за групата за азил, миграција и човекови права во МВР на Австрија, Петер Вебингер предупредува дека во моментов се создава нова мигрантска рута – “џамиска рута“.

На тој пат, како што објаснил, џамиите им даваат поддршка на мигрантите.

Тој е уверен дека зголемениот број на бегалци води кон “напната ситуација“, која нема да се развие така драматично како во 2015 година, иако постои слично голем потенцијал во кризните региони.

Експертот на австриското министерство гледа ризик од голема навала за идната година, доколку не се преземат потребните подготовки.

„Растот на бројот на мигранти во 2014 година водеше кон исходот кој го имавме во 2015 година, а тоа би можело да се случи во 2019 година“, изјавил Вебингер.

Новата балканска рута, која се создава во моментов, води преку Албанија, Црна Гора или Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а експертите ја нарекуваат “џамиска рута“ бидејќи џамиите долж рутата им даваат поддршка на бегалците во нивното движење.

Австриските медиуми укажуваат дека на интернет постојат низа видео снимки кои на арапски детално ја опишуваат рутата низ регионот кон ЕУ. Вебингер укажа дека постои и можност таквиот развој на ситуацијата да доведе до пораст на бегалскиот бран.

Тој во врска со тоа, ја наведе и либерализацијата за Иранците, кои можат со директен лет да дојдат во Србија, а многу од нив можат да го продолжат патот кон Австрија или Германија.

Вебингер смета дека Австрија овој пат е добро подготвена. Тој истакнува дека, кој сака слободно движење во Шенген, ќе мора да поддржи и силна заштита на надворешните граници.