Јанша е победник на изборите

Јанез Јанша е победник на парламентарните избори во Словенија откако неговата Словенечка демократска партија (СДС) освои 25,02 отсто од гласовите, покажуваат резултатите од пребројани 99 отсто гласови.

На второ место е Листата на Марјан Шарец (ЛМШ) со 12,6 отсто гласови, а следуваат Социјалдемократите (СД) со 9,94 отсто гласови, Партијата на модерниот центар (СМЦ) со 9,74 отсто гласови, Левица со 9,23 отсто и демохристијанската Нова Словенија (НСИ) со 7,15 отсто освоени гласови.

Јанша, кому мандатот за состав на новата Влада ќе му го даде претседателот на државата Борут Пахор, изјавил дека ќе направи сè за да формира цврста и стабилна влада, но рекол и дека е свесен дека тоа е тешка задача. Како најголеми предизвици, поради кои не исклучува преговори со левичарските партии, Јанша ја навел потребата од промени во здравствениот систем и одговор на потенцијалната мигрантска криза, со порака дека е спремен да направи сè што е најдобро за Словенија, било од позиција на власт или на опозиција.

Иако го сметаат за губитник на изборите затоа што бројот на своите гласачи го свел на третина од изборите пред четири години, Миро Церар рекол дека неговата партија останува релевантен политички актер без кој не е можно да се замисли стабилна влада, но алудирал на тоа дека нема намера да коалицира со Јанша.

На парламентарните избори што се одржаа вчера гласаа само 51,72 отсто од вкупниот број гласачи, што е речиси еднакво на излезноста од пред четири години.