Осум убиени во самоубиствен напад врз клерици во Кабул

Најмалку осум лица се убиени а неодреден број се ранети во понеделникот во самоубиствен напад врз собир на муслимански свештеници и верски лица во авганистанската престолнина Кабул, соопшти тамошното министерство за внатрешни работи, појаснувајќи дека клериците во градот подигнале голем шатор во кој се сретнале учесниците кои претходно го осудиле терорзимот и повикале на мир во земјата.

Нападот бил изведен кога свештените лица го напуштале собирот од кој издадоа „фе/а/тва“ против самоубиствените напади, во којашто се наведува дека таквите напади се „(х)арам“ односно дека се забрането според шеријатскиот закон.

Во Кабул се одржа собирот на Авганистанскиот совет на улемите, мислиманските свештеници, проповедници и учени познати личности кои претставуваат авторитети во областа на религијата и муслиманското право, вкупно околу 2.000, коишто ги повикаа владините сили, талибаните и другите екстремни групации да ги запрат борбите и да договорат примирје.

Советот, исто така, повика на мировни преговори меѓу двете страни и ова беше првпат Советот да упатува таков повик во повеќе од деценија и пол.

„Жртвите на војната се невините авганистански мажи, жени и деца“, прочита во заедничка изјава членот на Советот на улемите, Ѓофранилах Мурад.

Безбедносната состојба во Авганистан, во пресрет на парламентарните и покраинските избори закажани за 20-ти октомври, дополнително се влоши, поради настојувањата на талибаните да го спречат нивното одржување и преземаат напади врз местата на коишто се регистрираат избирачите со цел да го заплашат населението. Никакво затишје во борбите не дојде и во текот на светиот муслимански месец Рамазан.

Ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава досега ја презема одговорноста за изведените бројни напади во главниот град Кабул, но безбедносните служби наведуваат дека некои напади се најверојатно дело на опасната мрежа Хакани, групација којашто е придружена на талибанското движење.