Трамп порача дека САД нема да ја прифатат заедничка изјава на Г7

Американскиот претседател Доналд Трамп најави во саботата ноќта дека ќе ја повлече американската поддршка за заедничката изјава на групата Г7 најразвиени земји во светот и повторно се закани со воведување нови царини на увозот на автомобили, со што навести ново влошувањето на трговските односи меѓу најразвиените земји во светот.

„Побарав од американските претставници да не ја поддржат изјавата којашто ја донесе групата Г7“, објави на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп од својот авион напуштајќи ја Канада каде што изминатите два дена се одржуваше состанокот на врвот на седумте најразвиени земји во светот кои се согласија околу борбата против протекционизмот. Но самитот во канадската покраина Квебек мина во атмосфера на несогласувања меѓу претседателот на САД и челниците на другите членки на групата Јапонија, Канада, а во прв ред европските сојузници Германија, Велика Британија, Франција и Италија.

Трамп појаснува дека на ваквата одлука ги поттикнале најавите на канадскиот премиер Џастин Трудо за тоа дека Канада ќе одговори со противмерки на американските царини на челикот и алуминиумот од 25 односно 10 отсто. Овие нови намети важат и Европската унија и за Мексико, кои заедно со Канада до 1-ви јуни беа изземени од оваа уредба.

Американскиот претседател на својот микроблог на социјалната мрежа напиша дека го испровоцирале изјавите на канадскиот премиер за тоа дека американските царини се своевидна навреда за Канаѓаните кои „нема да дозволат да бидат експлоатирани“. „Многу нечесно и слабо. Нашите царини се одговор на канадските намети од 270 отсто на американските млечни производи“, тврди Трамп.

Од кабинетот на Трудо веднаш реагираа со соопштение во коешто истакнуваат дека се концентрирани на сето она што е постигнато на средбата во Квебек. „Премиерот Трудо на затворањето на самитот не рече ништо ново – како јавно, така и во неговите директни разговори со американскиот претседател“, се наведува во соопштението од Отава.

Во Квебек во саботата заврши дводневниот состанок на врвот на седумте најразвиени земји на светото чиишто челници во заедничката изјава се заземаа за слободна и почесна трговија, како и борба против протекционизмот. Заедничката изјава на Г7 не е обврзувачки документ и само ги претставува политичките цели, а го потпишаа сите членки, што значи и САД, покрај Канада, Велика Британија, Франција, Италија, Германија и Јапонија, објави Reuters.