Судот во Стразбур ги разгледува жалбите на обвинетите во СЈО

Европскиот суд за човекови права во Стразбур за „Макфакс“ потврди дека до нив годинава стигнале неколку жалби од адвокати на обвинети во предметите на специјалното јавно обвинителство.

Судот прими пријави од апликантите кои кривично ги гони специјалното јавно обвинителство“, велат од ЕСЧП за „Макфакс“. Не одговорија на прашањето дали се изјасниле за прелиминарното испитување на допуштеноста на пријавата. Од судот тврдат дека сите пристигнати жалби се индивидуални и дека се за различни правни повреди. Неофицијално, една од жалбите се однесува на одлуката бомбите да бидат доказ во судските постапки на СЈО.

Адвокатот Димитар Дангов, кој е дел од адвокатскиот тим на Груевски, за „Макфакс“ потврди дека од март поднеле неколку барања до ЕСЧП, но не откри детали од кои обвинети се жалбите, дали добиле одговор и во која фаза е разгледувањето на жалбите.

Истото го потврди и адвокатот Донче Наков, кој рече дека жалбите се однесуваат на различни повреди на Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи. Тој се повика и на новите измени во Законот за судови, каде, како што рече е предвидена одговорност за судии, доколку не ги почитуваат одлуките на ЕСЧП, иако досега таква одлука на судот нема.

Драгица Џонова, владиниот агент пред ЕСЧП за „Макфакс“ рече дека освен одговорот кој треба да го поднесат за уривањето на станбениот комплекс „Космос“, кое го поднесоа адвокатите на Фијат Цаноски пред неколку години и кој не е директно поврзан со судскиот процес „ТНТ“, досега нема добиено информации за други жалби поднесени до Европскиот суд за човекови права.