
По откажување на блокот во РЕК „Битола“, Владата заедно со Елем го активирале TE „Осломеј“, дознава „Нетпрес“.
Според информацијата наместо јаглен тие согоруваат пепел од веќе употребен согорен јаглен, a ова создава канцерогени честички во воздухот и труе илјадници граѓани.
Ова е еколошки геноцид за кичевчани од страна на Владата и ЕЛЕМ, вели соговорникот за „Нетпрес“.
Говорејќи за македонските енергетски производни капацитети, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев уште минатата година ја истакна заложбата на Владата да го стави во функција комбинатот „Осломеј“ и да го зголеми капацитетот на производство на најголемиот производител на струја во земјата, РЕК „Битола“, во соработка со менаџментот на ЕЛЕМ.
Рударско-енергетскиот стожер во земјава, РЕК „Битола“, неколку дена произведуваше струја само со еден блок зашто првиот е во ремонт, а вториот од викендот е надвор од функција.
Според информациите еден час неработење на еден блок во РЕК „Битола“ ја чини државата 7.600 евра, додека еден ден неработење дури 182.400 евра.
Од ЕЛЕМ се огласија со соопштение и ја известија јавноста дека вториот блок на РЕК бил планирано надвор од функција. Во соопштението пишуваше дека станува збор за превентивен зафат на една од циркулациските пумпи во блок 2. Зафатот требаше да се изведува во текот на викендот со оглед на тоа што во тие денови, според нив потребите за електрична енергија се намалени.