Турската економија на работ на две недели пред изборите

Со пораст на БДП од 7,4 отсто, Турција минатата година се позиционира како една од најбрзо растечките земји од Г-20. Сепак, брзиот раст на економијата резултираше со зголемување на инфлацијата и дестабилизација на валутата, објави СНН.

Повеќето инвеститори изразија скептицизам кон соодветна интервенција на турската централна банка да се стабилизира валутата, сметајќи дека тоа е премногу бавно и не може доволно брзо да ги зголеми каматните стапки. Бидејќи инвеститорите се повеќе се загрижени за трендови во турската економија почнаа колективно да ја избегнуваат употребата на турската лира, чија вредноста падна на невидено ниско ниво. Лираta е послаба од американскиот долар за дури 20 отсто повеќе од минатата година, што ја доведе на листата на најлоши валути во изминатата година.

Фактот дека централната банка во голема мера зависи од режимот на владејачката партија АКП, дополнително придонесува кон сомневање дека ќе биде подготвена да ги преземе неопходните мерки. Во прилог на тоа е и најавата на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека по изборите овој месец со државна интервенција ќе ги намали каматните стапки, споредувајќи ги моменталните со „сите зла на овој свет”.

Американските економски експерти веруваат дека причината за моменталната нестабилност во турската економија е политиката на „лесни пари” што истите експерти ги споредија со кризата во 2008 година. Имено, масивниот стимул на потрошувачката резултираше со голем јавен долг кој на крајот ја нарушува вредноста на самата валута.

По државниот удар во 2016 година, Ердоган голем акцент става на ребалансот на буџетот кој предвидува големи државни инвестиции во одбраната и контра-разузнавачката служба. Во прилог на оваа констатација  зборува споредбата на турскиот буџет од 2018 година, кој предвидува дефицит од 17,28 милијарди долари, со буџетот од 2016 година, кога беше предвиден многу помал буџетски дефицит. Токму трендот на зголемено трошење на јавните пари ја доведе Турција да поскапа отплата на јавниот долг.

Исто така, според Меѓународниот монетарен фонд, просечната стапка на инфлација во земјите во развој изнесува 4,6 отсто, додека сегашната инфлација во Турција изнесува 12,15 отсто.

Многу сум загрижен за турската лира. Се плашам дека Турција може да падне во домино ефектот бидејќи ги има сите економски услови, вели економскиот стратег, Пјотр Maтис.

Според  податоците на „Трејдинг Економикс“, цените, кои и така се зголемуваа на годишно ниво, во текот на 2018 година почнаа да растат со уште побрзо темпо секој месец. Така во еден месец цената на храната и безалкохолните пијалаци се зголеми за 3 отсто, за транспорт за 4 отсто, додека цената на режиските трошоци и кирија се зголемија за 2 отсто.

Но, ситуацијата е многу полоша за некои луѓе. ББЦ објави приказна за земјоделецот Метин Челик, кој одгледува тутун, но не може да го продаде. Поради тоа задоцнил со плаќање на кредитот, банката не сакала да му излезе во пресрет со одложување на плаќањето па се одлучил на очајнички чин- се обидел да се самозапали пред канцелариите на банката, но за среќа не успеал.

Решив да умрам чесно отколку да живеам без чест. Ова не е само мојот проблем. Има многу други фармери, но тие не се осмелуваат да зборуваат за тоа- изјави тој за ББЦ.

Ердоган во април објави дека претседателските и парламентарните избори закажани за ноември 2019 година ќе се одржат на 24 јуни оваа година. Аналитичарите веруваат дека овој чин е во обид да ја обезбеди моменталната власт во државата и да ги ублажат ефектите од економската криза врз граѓаните.

Освен тоа, Ердоган  пред еден месец се обиде да влијае на гласачите со простување на долгови, делење бонуси и намалување на хипотеките, како и даноци за гориво. Меѓутоа, и покрај овие напори, ако се дозволи валутата дополнително да изгуби од својата вредност, турските избори би можеле да донесат неочекуван пресврт на настаните.