Спречен напад со смртоносен отров во Германија

Тунижанецот, кој беше уапсен минатата недела под сомнение за планиран терористички напад со хемиски агенси планирал напад од големи размери, а подготовките биле во напредна фаза, изјави денеска шефот на германскиот Уред за борба против криминалот (БКА) Холгер Мунх.

Станува збор за многу конкретни подготовки за напад со био-бомба и тоа во димензии кои досега во Германија се уште не сме ги доживеале, изјави Мунх.
Полицијата во Келн во минатата недела го уапси 29-годишниот државјанин на Тунис, кој, според Мунх, произвел доволна количина на високо токсичен рицин и преку интернет набавувал делови за изработка на бомбата.

Притоа бил воочен од една странска разузнавачка служба која ни укажа за неговите активности, по што тој беше уапсен”, изјави Мунх, додавајќи дека се ‘уште не е јасно каде нападот бил планиран и дали во планираниот напад учествувале и други лица.

Шефот на германската канцеларија за борба против криминалот објасни дека опасноста од терористички напади во Германија и понатаму останува висока, но дека големи напади како оние во Париз и Брисел се помалку веројатни, што се должи на фактот дека т.н.. Исламската држава е значително ослабена.