Советниците и градоначалникот се едногласни во барањето за судбината на комбинатот ФЕНИ да решава и општина Кавадарци и бараат прифаќање на понудата на бугарската компанија „Минстрој холдинг” наспроти планот за реорганизација на швајцарскиот фонд ГСОЛ.
Во писмото испратено до премиерот Зоран Заев, општината Кавадарци позитивно ја оценува инвестициската политика на „Минстрој холдинг“ АД Софија за стечајната постапка за „ФЕНИ индустри“ АД.
Советниците и градоначалникот на Кавадарци даваат целосна поддршка на планот на „Минстрој холдинг“ за целосно намирување на сите утврдени побарувања во стечајната постапка, со гаранции за инвестиции од 30 милиони евра во наредните 2 години, за ремонт на двете печки и обновување на опремата. Наспроти ова, оценуваат советниците, стои планот за реорганизација на стечајот на ГСОЛ со нејасни и неодредени инвестиции.
Она што е важно за општината е планот на „Минстрој“ за отворање на рудникот Ржаново и вработување на нови 300 работници, наспроти доставениот план во кој не се предвидува отворање на рудникот, туку увоз на руда. Премиерот е информиран дека со отворање на рудникот општината само од концесија ќе има годишен приход од околу 600 илјади евра и нови вработувања. „Општината ќе добие данок на промет на недвижен имот од околу 1,3 милиони евра преку впаричување на имотот на стечајниот должник. Овој данок го нема во планот за реорганизација, пишува во писмото.
Според понудата на бугарската компанија предвидени се 67 милиони евра за доверителите според стечајната постапка, 30 милиони евра за инвестиции за зголемување на капацитетот на „ФЕНИ“ за обработка на 20 илјади тони руда годишно (сегашниот капацитет е 10.000 тони руда) и 20 милиони евра за рестартирање на рудникот Ржаново. Значи вкупната инвестиција во „ФЕНИ“ би била 120 милиони евра, враќање на вработените и нови 300 работни места, намирени добавувачи и нови инвестиции. Наспроти ова стои планот за реорганзација и проценка на имотот на „ФЕНИ“ од 34 милиони евра, го информираа советниците на општина Кавадарци премиерот Заев.
Градоначалникот и Советот на Кавадарци бараат активно да бидат вклучени во стечајната постапка затоа што одлуките за „ФЕНИ“ се од „круцијално значење за општината и граѓаните на Кавадарци“. Општината бара стечајниот судија да донесе решение со кое веднаш ќе се продолжи со постапката за впаричување на имотот и да не го одобри планот за реорганизација.
Неодамна „ФЕНИ“ соопшти дека со откупување на вкупните побарувања на големите и малите доверители на „ФЕНИ индустри“, швајцарски ГСОЛ, со своето претставништво во Македонија ЕуроНикел, станува единствениот доверител на кавадаречкиот комбинат.