
Не e точна констатација дека на 12 април ми било издадено боледување без преглед. Ако некој кажал такво нешто се работи за тежок манипулатор. Барем тоа е лесно да се констатира, освен што треба да има податок во здравствениот картон кај што ме прегледале и јас дома имам ехо на кое има автоматски испишан датум и кога ќе излезам од болница можам да им пратам копија, за да видат со свои очи наместо да веруваат на злонамерно измислени приказни, вели поранешната министерка Гордана Јанкуловска за „Нетпрес“.
Инаку најлесно е некој да зборува што ќе му текне додека сум во болница, без да имам прилика да ја кажам вистината. Иако во моментов имам многу поважна работа, ако ми се обрателе секако ќе одговорев. Секој може да каже што сака ама аргументите и вистината се на моја страна. Исто така неточно е дека во отвореното писмо јас сум рекла дека ми следуваат 44 дена породилно отсуство, напротив нешто сосема друго пишува таму, го имаат текстот на маил, ако не им е при рака пак ќе им го препратам.
Почитувана г-а Дескоска, почитувана г-а Царовска,
Дозволете ми најнапред да ви го честитам новиот мандат на министeерки во Владата на Република Македонија и да Ви посакам успех во извршување на работните задачи и во остварување на правата на граѓаните за кои Вашите ресори се надлежни.
Токму остварувањето на моите права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените, односно нивната груба повреда, се причината поради која се обраќам до Вас преку ова отворено писмо, со барање во рамките на Вашите надлежности да преземете соодветна акција со цел непречено остварување на моите права загарантирани со националното законодавство и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РМ.
Заеднички именител на повредите на моите човекови права, за кои ќе стане збор подолу во писмото е постапувањето на судечкиот совет чиј претседател е судијата Добрила Кацарска кој постапува по предметот КОК 21/18 (во јавноста познат под името ТЕНК) кој се води пред Основниот суд Скопје I Скопје, по обвинителен акт поднесен од Катица Јанева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите (СЈО).
Покрај досегашните повреди на човековите права во текот на постапката по однос на овој предмет, кои беа истакнувани од страна на одбраната, но не се предмет на ова писмо, кај мене постои оправдана загриженост дека во следниов период претстои сериозна закана за моето здравје и за здравјето и животот за моето сеуште неродено дете.
Имено, со оглед на фактот што веќе сум во деветтиот месец на бременост како и реалната спреченост да присуствувам на долготрајните судски рочишта кои за овој предмет се закажуваат последователно во текот на 2-3 дена од работната недела и по правило се одржуваат и по завршување на работното време на судот, со времетраење и до 10 часа во неклиматизирани судници на високи темепратури, следејќи ги препораките на моите лекари, започнувајќи од 30-ти мај, го искористив моето законско право и отворив породолно отсуство. Соодветна медицинска документација за отвореното породолно отсуство, како и лекарски потврди за поткрепа на мојата здравствена состојба беа навремено доставени до судијата Кацарска, пред закажаното рочиште на 31 мај. Како резултат на наведеното, како и фактот што на денот на рочиштето бев во болница да ја примам терапијата, бев оправдано спречена да присуствувам на истото.
На рочиштето одржано на 31 мај оваа година, од страна на моите бранители бев известена дека на предлог на СЈО, било наредено вештачење за да се утврди состојбата во која се наоѓам т.е. да ме прегледа доктор кој судијата дополнително ќе го определи за да констатира дали навистина сум спречена да ги следам долготрајните рочишта.
Извесно е дека судијата очигледно го антиципира исходот од ваквото вештачење, со оглед на на информацијата која беше објавена во јавноста дека истото ќе биде доверено на ГАК со која раководи д-р Викторија Јовановска (за која медиумите пишуваа дека е во блиски пријателски врски со семејството на Зоран Заев), па во период од само еден месец (од 13 јуни до 14 јули), зажани се 8 термини за рочишта за овој предмет, кој по својата природа по ниту еден законски критериум не би можел да се смета за итен. Термините на закажаните рочишта го опфаќаат периодот помеѓу 38 и 42 недела од бременоста, што е дури и 2 недели после крајниот термин за породување.
Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува нивното вистинско лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки за кои подолго време пишуваат медиумите, со што повредува повеќе меѓународно загарантирани права, како на пример заштита на мајчинството и грижата за децата како основни права инкорпорирани во одредбите од сите области од Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените, особено во член 12 од Конвенцијата; потребата од посебна заштита и грижа, вклучувајќи и правна заштита на детето пред и после раѓање, утврдено во Преамбулата на Универзалната декларација за човекови права; обврската за државите да обезбедат уживање на највисоките стандарди за здравје и за таа цел да преземат соодветни мерки да обезбедат соодветна пред натална и пост натална грижа за мајката, утврдено во Преамбулата на Конвенцијата за правата на детото; како и правата загаранитирани со повеќе одредби од националното законодавство, вклучувајќи го тука уставно загарантираното право на мајчинство, децата и малолетните лица (член 42 од Уставот на РМ) и бројни одредби од Законот за заштита на децата, Законот за семејството, Законот за работни односи и слично.
Водејќи се од досегашното негативно искуство на општ молк на правосудните органи за прашања од нивна надлежност, како и молк и непостапување на органите овластени да го спречат молчењето на администрацијата, би сакала директно од Вас почитувани министри да побарам одговор на следните прашања:Г-ѓо Дескоска, дали сметате дека горе опишаниот начин на постапување на суд?
Судијката Кацарска веќе ја предупредила одбраната на обвинетата Јанкулоска дека на наредните судски рочишта нема да прифати никакви боледувања, како на неа, така и за нејзиното новороденче.
Во отвореното писмо самата Јанкулоска кажа дека и следат 45 дена, а јас одредив термин за судење кој е многу подолг, односно продолжнието на судењето доаѓа по 62 дена и уште сега укажувам на тоа дека нема да прифатам никакви нови одложувања на судењето – рече судијката Добрила Кацарска.
Според информациите судот тврди дека има потврда за боледувањето кое што на Јанкулоска и беше издадено на 12 април оваа година, без таа да биде прегледана, е отворено спротивно на законот, а токму тоа боледување беше основ за раздвојување на судската постапка за неа, пренесе 24 Вести.
Судењето за поранешната министерка за внатрешни работи за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“ е одложено за 29 август, бидејќи таа е на породилно боледување.