ВМРО-ДПМНЕ: За Зоран Заев и СДСМ добра вест е откажувањето од сѐ што е македонско

Потпишувањето на капитулантски договор за промената на уставното име на Република Македонија и откажувањето од сѐ што е македонско е добра вест единствено за Зоран Заев и СДСМ и никој друг, велат во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Отаму истакнуваат дека Заев е човек кој ја влече Република Македонија во пропаст.

Тој ветуваше дека нема да прифати промена на Уставното име на Република Македонија, но сега од позиција на власт ги распродава националните и државните интереси на сите страни. Заев не лаже, Заев суши! Тој со потпишувањето на штетниот и капитулантски договор се откажа од привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Грција, од 13 септември 1995 година, со која Грција се обврза да не го блокира нашето пристапување кон меѓународните организации под привремената референца, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека договорот е обид на Заев да го покрие криминалот, корупцијата, расипништвото и неспособноста на неговата Влада и потенцираат дека Македонија без реформи не може да влезе во ЕУ.

Заев ја потценува интелегенцијата на граѓаните и се обидува да ги убеди дека со три денари месечно за нив дошол животот. Намалувањето на електричната енергија за 0,1 процент не е мерка со која што Заев и СДСМ треба да се фали. Сите оние кои до сега за струја плаќале 3 000 денари, со ова ‘огромно’ достигнување на Заев, сега за истата сметка ќе плаќаат 2 997 денари, односно за една година граѓаните ќе заштедат цели 36 денари. Намалување од 0,1 процент не претставува подобрување на стандардот на граѓаните, туку нивно понижување и потценување, сметаат од опозициската партија и додаваат дека Зоран Заев не може да обезбеди подобар живот за граѓаните, па затоа време е, како што велат, Република Македонија да ја извојува најважната победа.