Моторџиите му се спротиставија на Шилегов, на протест пред Град Скопје

Точно во 10 часот пред просториите на Град Скопје стотици моторџии дојдоа да му кажат „НЕ“ на градоначалникот Шилегов за воведување паркинг кој ќе се плаќа.

Фото: Фактор.мк

Моторџиите оваа одлука на Град Скопје ја дочекаа со револт а 11 мото клубови од Скопје, поддржани и од мото клубови од другите градови во Република Македонија, донесоа одлука да повикаат на предупредувачки протест кој се одржува во моментов пред просториите на Град Скопје во Градскиот парк со почеток во 10 часот.

Како што стои во реакцијата на мото клубовите предлогот на градоначалникот Шилегов е погрешен од неколку аспекти и поради тоа е неприфатлив за мото клубовите и за независните мотоциклисти.

Со минорни исклучоци, меѓу кои е и градот Дубаи од 2017 година, никаде во Европа и во светот не се наплаќа паркирањето на мотоцикли и на мопеди. Согласно тоа, нема позитивна пракса врз која Град Скопје би ја темелел својата одлука, велат тие.

Според нив возењето мотор, покрај својата основна предност – поголема слобода во движењето – помага да се намали градскиот метеж во сообраќајот, а согласно тоа, може да се смета како помош при намалувањето на загадувањето на воздухот произлезено од сообраќајот. Возачите на мотоциклите и мопедите не прават проблем со паркирањето на своите мотори, а секако почитуваат основни непишани правила да не паркираат во тревни површини или пред хидранти и друга канализациона, водоводна или електрична инфраструктура.

Поради аргументите кои за мото клубовите се јасни и недвосмислени, тие упатуваат барање до градоначалникот Петре Шилегов да ја повлече предлог одлуката, која во понеделник треба да се најде на дневен ред на седницата на Собранието на Град Скопје“.