
Движењето „Еко Герила“ информираше дека деновиве од различни поединци добивале закани, уцени и финансиски понуди, со цел да ги замолчат и во иднина да не реагираат и повеќе да не се занимаваат со Југохром.
Од „Еко Герила“ рекоа дека ќе продолжат со нивната мисија и ќе го спречат секој обид, Југохром да започне со работа паралелно додека ја гради филтер станицата, идеја за која се сомневаат дека се разговара во дел од владините кругови.
На пратенички прашања денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев, ги отфрија сомневањето дека можно е комбинатот да започне со производство, без да ги исполни еколошките стандарди.
Раководството и синдикатот на комбинатот во неколку наврати побараа државата да дозволи Југохром да работи, паралелно со изградбата на филтер станицата.
Преставници од владата одговорија дека барањата се неприфатливи, и печките на фабриката ќе започнат да чадат, тогаш кога ќе се исполнат еколошките стандарди.
Во меѓувреме пречистителната станица на Југохром се гради, активности кои во изминатиот период бавно се одвиваа поради финансиски проблеми на менаџерскиот тим на комбинатот. По нивно барање, владата посредуваше фабриката да добие кредит од 1,5 милион евра од Македонската банка за обнова и развој, со чии пари сега се гради филтер станицата.