Турција издаде налози за апсење на 68 припадници на војската

Турција издаде налози за апсење на 68 припадници на војската кои се осомничени за поврзаност со организацијата на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен кого Анкара го обвинува дека стои зад пропаднатиот обид за државен удар.

Сите 68 осомничени припадници се од копнените сили на турската војска, а меѓу нив 19 се активни војници, наведе Анадолија.

Полицијата во 19 провинции започнала операции за нивно приведување и досега уапсила 19 осомничени.

Турските власти тврдат дека позади неуспешниот пуч од јули 2016 година, кога загинале 251 лице, а околу 2.200 биле повредени, стои организацијата на Фетула Ѓулен, кој живее во САД и ги негира обвиненијата. Анкара таа група ја нарекува ФЕТО (Терористичка организација на Фетула).

Поради наводните врски со ѓуленистите, во Турција од тогаш се уапсени повеќе од 50.000 луѓе, а околу 110.000 се отпуштени од јавните установи.