Најмалку 16 жртви на горештините во Канада

Најмалку шеснаесет лица починале како последица на екстремно високите температури коишто од минатиот викенд ја зафатија канадската покраина Квебек, објави во средата телевизијата CTV повикувајќи се на покраинските власти.

Според податоците, 11 од 16 луѓе починале во Монтреал, најголемиот град во покраината. Во метрополата поради екстремно топлото време, бројот на повиците за медицинска помош се зголемиле за 30 отсто. Властите на Квебек апелираат до населението во регионот сериозно да ја сфатат ситуацијата и да избегнуваат престој на сонце.

Претходно во вторникот портпаролката на одделот за здравство на Монтреал, Милен Друон, предупреди дека во ризичните групи спаѓаат лица со хронични заболувања, лица со ментални нарушувања, како и бездомниците и граѓаните кои живеат сами, коишто минуваат време во простории без климатизација. Потсети, дека во последниот случај на долготрајните високи температури во Монтреал во летото 2010 година, како последица на тоа загинале 106 луѓе.

Според Националното метеоролошкото биро, во јужните делови на Квебек, Онтарио, како и атлантските региони на Канада од минатата седмица се регистрирани екстремно високи температури кои во текот на денот се движат меѓу 30 и 40 Целзиусови степени. Метеоролозите предводуваат дека студениот фронт ќе ја фати Источна Канада само во петок.