
Американските власти дозволија кинескиот производител на телекомуникации, ZTE Corporation да продолжи со работа со американските компании. На овој начин привремено е тргнат дел од забраната воведена поради извоз кој овој технолошкиот гигант го вршел во Иран и Северна Кореја, кршејќи ги санкциите на Вашингтон.
На ZTE ќе му биде дозволено да работи со американските компании заради одржување на постојните телекомуникациски мрежи и мобилни телефони и поддршка во делот на безбедноста, според налогот на Управата за индустрија и безбедност на Министерството за трговија.
Дозволата ќе трае до 1 август. Кинеската компанија со седиште во јужниот град Шенджен ги суспендира повеќето деловни операции откако во април годинава и беше забрането да купува американски компоненти и технологија.
ZTE во март 2017 година се изјасни за виновен и се согласи да плати парична казна од 1,19 милијарди долари за испорака на опрема Иран и Северна Кореја прекршувајќи ги прописите на САД. Компанијата вети дека ќе ги казни вработените кои биле вклучени во овие махинации, но од Министерството за трговија изјавија неделава дека виновниците наместо казни им биле исплатени бонуси.