Јанушев: Спремен сум да дебатирам со било кој од потпретседателите или генералниот секретар на СДСМ

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на својот Фејсбук профил напиша дека не е вистина дека ја прифатил поканата да гостува во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, како што беше објавено на Фејсбук страната на телевизијата. Тој вели дека прифатил покана да гостува на дебата со потпретседателката на партијата, но дека не и со Хари Локвенец, за кого вели дека не е дел од потесните раководни органи на партијата. Тој потенцира дека на дебата би можел да излезе со било кој од потпретседателите на СДСМ, како и со генералниот секретар, а дека дебатата со Локвенец може да се реализира со било кој пратеник.

 

Фејсбук статус на Игор Јанушев:

 

Во однос на најавата за мое гостување во емисијата #СамоВистина на Канал 5 Телевизија, морам да го констатирам следново:

 

Мој став и определба е да бидам присутен секогаш и секаде каде има потреба и каде ќе ми биде испратена покана за гостување и каде треба да се бранат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. И за овој отворен однос можеле да посведочат сите медиуми и новинари со кој сум имал соработка.

Токму во таа насока сакам да посочам дека претходно прифатив да учествувам на ценетата емисија Само вистина и да дебатирам со потпретседателот на СДСМ – Фросина Ременски, со укажување дека со истиот соговорник веќе бев на дебата и можеби е добро да размислат дебатата да биде со некој друг од раководството на СДСМ, напоменувајќи дека дури и да остане како што е првично планирано немам никаков проблем.

Очигледно плановите, но и желбите, очекувањата или стравувањата биле поинакви по што телевизијата ме извести дека гостинот со кој треба да дебатирам е Хари Локвенец. Со оглед на тоа што се работи за пратеник кој не е во потесните раководни органи на партијата јасно подвлеков дека сум целосно подготвен да дебатирам со било кој од потпретседателите или генералниот секретар на партијата на власт, во секое време и на секоја тема и дека доколку на тоа не се согласни од СДСМ дебатата со Локвенец може да се реализира со било кој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

За да денес прочитам најава од медиумот дека сум прифатил дебата со Локвенец која всушност никогаш не сум ја потврдил. Ваквата некоректна манипулација значи и јасна неподготвеност на СДСМ да дебатира за прашањата суштествено важни за граѓаните. Раководството на СДСМ бега од реална дебата и од одговори за предавството на националните интереси, зошто ако е толку добар договорот нема славје по улиците и огромното мнозинство на граѓани се против, за економската пропаст и отсуството на резултати.

Од друга страна морам да ја потенцирам потребата за поголема коректност на телевизијата Канал 5 и да ги охрабрам луѓето таму да се отргнат од канџите на стравот наметнати од власта.