Мајката на претепаното бебе е социјален случај

20-годишната мајка на претепаното бебе е корисник на социјална помош, информира Министерството за труд и социјала. Оттаму велат дека социјалните служби веќе го трeтираат овој случај, а обезбедувањето целосна грижа и заштита на детето е примарна обврска на надлежните.

Она што можеме да го соопштиме во моментот е дека мајката на детето е корисник на парична помош на лице што до 18 години имало статус на дете без родители и родителска грижа – соопштија од Министерството.

На детето веќе му е одреден старател, а социјалните служби не дозволуваат контакт на роднините со девојчето.

Состојбата на 14-месечното бебе, кое викендов беше примено на КАРИЛ со крвавење во мозокот и тешки скршеници на коските на нозете, се стабилизира, а ако добро напредува, во наредните денови девојчето ќе биде пренесено на Детската клиника.

Детето е подобро, сè уште немаме контакт со него, но дише само, не е на апарати. Се работи за повреди од човечка природа и претходно било повредувано. Има рефлекс на цицање, јадење, што е добар знак. Мајката не е со него, од синоќа го презедоа социјалните служби, а ние комуницираме само со старателот – изјави д-р Маја Мојсова, раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ.

Полицијата го истражува случајот откога пред два дена мајката и детето биле примени на Ургентниот центар со тешки телесни повреди, а жената давала различни изјави за тоа што се случило – од тврдења дека бебето паднало од креветот до обвинувања за семејно насилство од страна на роднините на нејзиниот сопруг, кој е во затвор.

Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот.