Селекторот на фудбалската репрезентација на Аргентина, Хорхе Сампаоли(58) останува на својата функција и покрај лошиот резултат на Светското првенство во Русија.
Како што пренесува „Оле“, по состанокот на Сампаоли со првиот човек на Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА), Клаудио Тапиа, било решено тој да остане на функцијата, иако Тапиа имаше намера да му врачи отказ на селекторот.
Со останувањето на Сампаоли, АФА успеа да заштеди осум милиони долари, колку што изнесуваат „пеналите“ за предвремен раскин на договорот.
Сампаоли, во наредниот период, ќе треба да формира нов стручен штаб и ќе треба да најде замени за Хавиер Маскерано и Лукас Билја кои ставија крај на репрезентативната кариера.
Аргентина на Светското првенство во Русија, забележа само една победа против Нигерија 2:1, одигра нерешено 1:1 со Исланд и загуби од Хрватска 0:3, а во осминафиналето загубија од Франција со 3:4.
Медиумите во Аргентина шпекулираа дека потенцијалните кандидати за селекторската функција беа Маурисио Покетино(тотенхем), Диего Симеоне(Атлетико Мадрид) , Матијас Алмида(Гвадалахара), Марсел Гаљардо(Ривер плата) и Рикардо Гарека(селектор на Перу).