
Гризнато и со црвенило на главата, 11 месечно бебе од градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“ заврши на прегледи на детска хирургија. Воспитувачката на родителите им кажала дека била гризната од инсект. Не слушнале дека плаче, иако на сликите и приказната коишто Теодора Несторовиќ, мајката на бебето ги сподели на социјaлните мрежи се гледа детски загриз на грбот на детето. Уште посериона била повредата на главата која ја откриле лекарите.
Се наоѓаме на детска хирургија, ја прегледуваат ќерка ми, и докторката забележа удар на главата, видлив хематом, подуена зацрвенета џумка. Снимањето помина (трауматично, и за ќерка ми и за нас), а резултатите, после 2 часа чекање, за среќа, беа океј, напиша на социјалните мрежи потресената мајка.
Родителите случајот го пријавиле во полиција, а директорката денеска најави дека ќе побара „експертиза на дете“ од Институтот за судска медицина за да се утврди дали има повреди и како настанале. Пaралелна истрага преку инспекторите води и Министерството за труд и социјална политика.
Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата е веќе на терен и работи на расветлување на случајот, односно за тоа како настанала повредата на детето и ако постои сомнеж согласно со Закон ќе се поведе постапка за утврдување на дисциплински престап, наведуваат од МТСП.
Градинката во општина Центар опслужува 250 деца. Од министерството појаснуваат дека поради намалениот број деца во летниот период долгогодишна пракса е децата од различни занимални, да се згрижуваат во помал број занимални.