Акција за чистење во Клинички Центар, најавено скоро решение на проблемот

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани и заменик-министерот за здравство, Асим Муса денеска најавија многу скоро решавање на проблемот со одржување на хигиената и чистење на дворот на Клинички центар, но не прецизираа дали Центарот ќе го исплати долгот што го има кон ова јавно претпријатие.

Имавме еден координативен состанок со заменик-министерот за здравство и сите ќе се залагаме да најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот со одржувањето на хигиената во дворот на Клинички центар. Со помош и на другите јавни градски претпријатија, во координација и со градоначалникот на Град Скопје ќе најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот, рече Шабани.

Тој додаде дека денеска ги посетил своите вработени кои го чистеа дворот, и најави дека акцијата ќе продолжи и утре поради помалата фрекфенција на луѓе и возила. Шабани рече и дека вакви повремени акции ќе има и во иднина, без разлика дали се или не се обврзани, бидејќи, како што потенцира и покрај проблемот совеста не им дозволува да не го чистат Клиничкиот Центар.

Заменик-министерот за здравство само кусо повтори дека очекува многу скоро решение на овој проблем.

На праг сме на решение на оваа на состојбата. Тие секогаш изразуваат доба волја да ни помогнат и покрај тешкотиите што ги имаат, но, како што рече и директорот на ова претпријатие на праг сме на решавање на актуелниот проблем, истакна Муса.

Покрај акцијата на вработените на ЈП „Комунална  Хигиена“ за претпладнево на клинички треба да дојдат и македонските глумци во обид да помогнат и да покренат јавната свест за одржување на чистотата во дворот на Клиничкиот центар. За денеска е најавена и посета на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на Клиничкиот центар. (МИА)