Белгија третата на мундијалот во Русија

Белгиската фудбалска репрезентација го освои третото место на Светското првенство во Русија, откако во саботата во Санкт Петербург ја совлада селекцијата на Англија со 2:0 (1:0).

Белгија поведе уште во 4 минута преку Томас Муние. Белгискиот бек одлично зазема позиција пред својот чувар Роуз на само пет метри од англискиот гол и со колено го скршна центаршутот на Чадли во мрежата. Победата на „Црвените ѓаволи“ ја потврди Еден Азар во 82 минута по одличното додавање од Де Брујно изби сам пред Покфорд и рутинирано го совлада. Англичаните, иако во вториот дел повеќе ја имаа топката во посед, само двапати успеаја да создадат изгледни шанси, но без вистинска опасност по голот на Куртоа.

Ова инаку беше втор меч на Белгија и Англија во Русија, по оно во 3-то коло од Групата Г кој не решаваше ништо а беше одигран на 28-ми јуни во Калининград. И тогаш славеа Белгијците со 1:0.

Со третото место во Русија, репрезентацијата на Белгија го оствари најголемиот успех во историјата. Досега најдобар резултат ѝ беше четвртото место на мундијалот во Мексико во 1986 година.

За Англија, пак, ова беше повторување на нејзиниот втор најдобар резултат, четвртото место имено го зазема и во 1990 година во Италија. Единствен подобар пласман е освоената титула во 1966 година на домашен терен.