
Израелскиот Парламент изгласа спорниот Закон со кој државата ја прогласи за национална држава на еврејскиот народ, а премиерот Бенџамин Нетанјаху усвојувањето на законот го нарече „историски момент“ во историјата на ционизмот и државата Израел.
Со овој закон се утврдуваат основните принципи на нашето постоење. Израел е национална држава на еврејскиот народ, која ги почитува индивидуалните права на сите свои граѓани. Повторувам, ова е нашата држава, нашата нација, јазик и знаме. Еврејска држава, изјави Нетанјаху.
Тој потенцираше дека во последно време постојат луѓе кои се обидуваат тоа да го дестабилизираат и со тоа да го дестабилизираат постоењето и правата на верејскиот народ.
Иако се работи за главно симболична декларација, истата сепак предизвика жестоки расправии и реакции од левичарската опозиција и пратениците од арапската заедница. Во Израел живеат околу 1,8 милиони Арапи или 20 отсто од популацијата од 9 милиони Израелци. Донесувањето на зконот беше проследено со протести во кои противниците на законот носеа транспаренти „Оваа куќа ни припаѓа на сите нас“.
Законот беше изгласан со 62 гласа „за“ и 55 „против“. Со него, Израел се означува како демократска држава заснована врз еврејските вредности и е израз на правото на Евреите за национално самоопределување, со Ерусалим како главен град, со еврејскиот календар како официјален календар и со празнување на традиционалните еврејски празници. За арапскиот јазик, досегашната формулација дека е во службена употреба е избришана и заменета со изразот „специјална употреба“, но се наведува и дека нема да биде намалено досегашното ниво на користење на арапскиот јазик.
Претседателот Реувен Ривлин го критикуваше донесувањето на Законот, предупредувајќи дека тој може да доведе до дискриминација врз не-еврејските жители на земјата, а најсилните критики дојдоа од арапските пратеници во Парламентот.
Јас сум вџашен од убивањето на нашата демократија. Ова е нејзиниот погреб, изјави пратеникот Ахмад Тиби, додека пратеникот Џамал Захалка театрално го скина текстот на предлог-законот на собраниската говорница.
Законот е дефиниран како „основен“, што му дава речиси уставен статус, но сепак ќе се соочи со предизвик пред Врховниот суд.