Контроверзниот менаџер на Челзи, Жозе Мурињо, дополнително ги изнервира најверните фанови на Атлетико Мадрид со изјавата дека за него постои само еден клуб кој се натпреварува во шпанската Примера дивизион, а тоа е најголемиот ривал на популарните “јорганџии”, тимот на Реал Мадрид.
“За мене постои само еден клуб во Шпанија. Тоа е Реал Мадрид и јас сум многу среќен кога ќе победи Реал Мадрид иако повеќе не сум тренер на “кралскиот клуб”. Јас не сум тука за да зборувам колку е квалитетен тимот на Атлетико Мадрид. Таквата информација јас веќе ја споделив со моите фудбалери. Не постои таков тим кој не е доволно квалитетен, а игра во полуфиналната рунда од Лигата на шампиони. Знам дека и Атлетико Мадрид има таква амбиција да биде дел од финалниот натпревар и да слави во најважното клупско натпреварување. Многу го почитувам тимот на Атлетико Мадрид, но убеден сум дека сум направил добра анализа, дека ги знам слабите точки”, изјави трофејниот португалски стручњак.