
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, негира дека на лидерските средби барал измени на Кривичниот законик со кои би се намалиле казните за злоупотреба на службената должност.
За промени за Кривичниот законик не сме разговарале. Тоа беше обид да се сврти вниманието на јавноста од штетниот договор со Грција и други штетни теми, како што се доделување на тендери на човек фирма и доделувањето на грантови од Фондот за иновации на луѓе блиски до власта, рече тој.
После неколкучасовни разговори, власта се согласи на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека е неопходно носење на нов закон за финансирање на политичките партии и формирање на техничка влада по пржинскиот концепт, услови кои опозицијата ги имаше на изборите во декември во 2016, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Се согласивме процедурата за формирање на ДИК преку измени на Изборниот законик да се стопира, да се повлече, односно ќе се врати старата процедура. До овој момент не разговаравме за референдумот. Во втората половина на денот очекуваме за тоа да збориме, рече Мицкоски.
Со формирање на техничка влада, како што рече, се гарантира еден успешен изборен процес во кој опозицијата ќе се чувствува комотна и ќе ги има истите услови како опозицијата во декември 2016 година. Според него, техничката влада ќе обезбеди стабилен изборен процес.
Во врска со новиот закон за финансирање на политичките партии вели дека станува збор за модел кој гарантира транспарентност на финасирањето на сите политички партии и модел кој ќе превенира евентуални злоупотреби.