Британскиот пар отруен со „новичок“ во шишенце парфем

Нервниот агенс „новичок“ со кој бил отруен британскиот пар Чарли Роули и Даун Старџес бил скриен во шишенце со парфем, спакуван како подарок што го пронашол Роули во парк во Солзбери.

Се сеќавам дека најдов шишенце парфем што го зедов и и го поклонив на Дон. Многу сум тажен поради тоа што ѝ се случи, тоа е страшно и трауматично. Сѐ уште бев на лечење кога ми јавија дека починала. Мислам дека нема да се повратам од ова, изјави Роули.

Доун Старџес (44), мајка на три деца, почина на 8 јули по труењето со нервен агенс.

Инспекторите се обидуваат да утврдат дали тој отров е од истата серија, како оној употребен во нападот на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија во март во Солзбери, во југозападниот дел на Англија.

Роули ја критикуваше „немарноста“ на луѓето кои го оставиле отровот да се влече по улица.

Многу немарно од нивна страна да остават работите зад себе. Тоа било наменето за некого, лошо е така да се остави со можност некој да го најде, деца можеле со тоа да си играат, рече Роули за „Сан“.

На Даун Старџес ѝ слошило на 30 јуни, само 15 минути откако се испрскала по рацете со течноста за која верувала дека е парфем во станот на нејзиниот партнер во Ејмсбери, во соседниот град. Роули е префрлен во болница неколку часа подоцна во критична состојба. Тој ја напуштил болницата во Солзбери на 20 јули.

Лондон ја обвини Москва за труење на Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка, што Москва го отфрли. Овој случај предизвика сериозна дипломатска криза меѓу Кремљ и Западот.

Иако медиумите пренесоа дека британската полиција наводно идентификувала и осомничила неколку Руси за нападот, но нема официјална потврда за тоа.