Северна Kореја ги врати посмртните остатоци на американските војници

Севернокорејските власти ги вратија посмртните остатоци на американските војници убиени во Корејската војна, информираа денес светските агенции. Авионот со посмртните остатоци преземени во Северна Кореја беше дочекан со почесна стража во американската база Осан во Јужна Кореја, јави ББЦ.
Репатријацијата беше договорена на самитот во јуни меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Враќањето на остатоците од телата на американските војници е една од четирите точки наведени во јунската декларација и се случува на 65-годишнината од потпишувањето на примирјето со кое заврши Корејската војна (1950-1953).

По толку многу години ова ќе биде голем момент за толку многу семејства. Благодарам, Ким Џонг Ун“, напиша Трамп на Твитер.

Во соопштението што го објави Белата куќа се наведува дека се „охрабрени од потезите на Северна Кореја и ги сметаат за чекор кон позитивни промени“.

Се верува дека овој пат се вратени остатоците на 55 војници, но треба да се изврши форензичка анализа за идентификација. Над 326.000 Американци се бореле покрај јужнокорејските војници на страната на Југот против комунистичкиот Север. За илјадници војници на американската војска не се знае каде загинале, а повеќето од нив, околу 5.300, исчезнале на просторот на денешна Северна Кореја.

Авионот на американската војска ги преземал посмртните остатоци во градот Вонсан на североистокот на Северна Кореја, а по извршувањето на првичната ДНК анализа во воздухопловната база Осан во Јужна Кореја, ќе бидат префрлени на Хаваи.