СДСМ се служи со фалсификати и лаги за да се спаси од огромниот изборен пораз. Таканаречениот документ кој денес Зоран Заев го покажа е класичен, груб, но и смешен фалсификат, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа лесно се докажува бидејќи партискиот печат кој е искористен на документот е прогласен за неважечки уште во 2004 година. Печатот е пријавен и прогласен за неважечки. До Основниот суд во Скопје на 15.10.2004 година од наша страна е доставен Статутот на ВМРО-ДПМНЕ и опис како ќе изгледа новиот печат. Судското решение е издадено на 02.11.2004 година. Ова е непобитен доказ дека она што Заев го приложува денес не е печатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е стар печат кој го користело поранешното, старо раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од владејачката партија.
Овие документи ги потврдуваат тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека Зоран Заев излезе на прес конференција со фалсификуван документ на кој што стои печат кој две години претходно е поништен, во време на расколот, кога истиот исчезнал од партијата и со наводна каса-прими на која стои дека е од лице кое во време на ВМРО-ДПМНЕ е осудено од страна на Врховен суд за фалсификување на документи, за даночно затајување и за перење пари.