Уапсен провалник кој ограби црква

Полицијата уапсила скопјанец осомничен дека ја ограбил црквата „Свети Петар и Павле“ во скопското село Горно Лисиче, информираше МВР.

СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Б.П. (29) од Скопје поради основи на сомнение за извршено кривично дело тешка кражба.

Според полицијата, Б.П. кражбата ја извршил во саботата половина час по полноќ во црквата каде што со употреба на физичка сила насилно го отворил задниот прозорец и влегол внатре. Тој од сандачињата за доброволни прилози во црквата одзел околу 3.000 денари по што избегал.

По превземените оперативни мерки утврден е идентитетот на сторителот – Б.П. кој што инаку е познат сторител на имотни деликти на подрачјето на Кисела Вода, за што досега осумпати е кривично пријавуван. Вчера Б.П. е пронајден и лишен од слобода во ПС ОН Кисела Вода, каде со истиот е извршен разговор, при што во целост го признал делото и го појаснил начинот на кој што го извршил, велат од МВР.