Курирот од кај Иванов ќе добиел укор, не го прашал Милошоски дали има безбедносен сертификат

Курирот од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов кој му ги доставил извештаите со строго доверлива содржина на пратеникот Антонијо Милошоски ќе добие укор. Како што неофицијално дознава мкд.мк, доставувачот од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов е виновен , бидејќи при предавање на документите не го прашал примачот, во случајов пратеникот Милошоски, дали поседува безбедносен сертификат.

Милошоски како претседател на собраниската Комисија за надворешни работи инсистира членовите на комисијата кои имаат безбедносен сертификат да расправаат за белешките од лидерската средба од јануари годинава на која се расправало за преговорите за името. Белешките од таа средба ги добил Милошоски, откако претходно официјално се обратил до Кабинетот на претседателот и ги побарал тие документи. Тие документи му биле дадени со назнака да се придржува до одредбите од Законот за безбедност и класифицирани податоци. Претходно, со сличен таков допис Милошоски се обратил и до Министерството за надворешни работи и ги побарал записниците од средбите на кои се разговарало за името, но одговор не добил.

Инспектори од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во петокот биле во вилата на Водно за да испитаат дали е прекршена законската процедура при доставување на извештаите од двете лидерски средби за преговорите за името. Овие извештаи стасаа во рацете на Милошоски, а инспекторите од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации го подготвуваат извештајот од посетата на претседателската вила.

Пратката била подготвена од кабинетот на претседателот, а курирската служба на рака му го однела документот. И сега, според претседателскиот кабинет, курирот бил тој што требало да провери дали Милошоски има важечки безбедносен сертификат, а тоа не го направил.

Милошоски кој е претседател на Комисијата за надворешна политика, бара документите да бидат претставени за време на годишното реферирање на министерот за надворешни Никола Димитров. Според него, недозволувањето тие да бидат објавени крие како се преговарало за спорот. Седницата на комисијата на која Димитров треба да реферира за надворешната политика веќе четири пати се одлага. Наредната седница е закажана за 23 август.

СДСМ пак најави кривична пријава на Милошоски за земањето на строго доверливи документи иако повеќе од две години немал безбедносен сертификат.  Според некои други извори, на Милошоски безбедносниот сертификат му истекол лани.  Од кабинетот на претседателот подвлекуваат дека сертификатот му бил истечен, но не и одземен.