Обвинителите од 19 сојузни држави ќе го тужат Трамп

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп вчера предложи ублажување на федералните стандарди за ефикасност на потрошувачката на горивото од ерата на претседателот Барак Обама, а кои треба да стапат во сила во 2020 година.

Предлогот ќе ги суспендира напорите за подобрување на енергетската ефикасност на автомобилите и намалувањето на издувните гасови кои влијаат врз климатските промени, објави АП.

Администрацијата на Трамп, исто така, сака да ги укине овластувањата на Калифорнија и на другите држави да донесуваат сопствени, построги стандарди за ефикасноста на потрошувачката на горивото, независно од федералната влада.

Меѓутоа, државните обвинители од 19 американски сојузни држави и од федералната област на Вашингтон најавија поднесување на тужба против администрацијата на Трамп поради планираното олабавување на федералните ограничувања за ослободување на штетни издувни гасови од автомобили и камиони.

Подготвени сме да одиме на суд за да се спречи овој беобзирен и незаконски план, се вели во соопштението на коалицијата државни обвинители предводени од државниот обвинител на Масачусетс, Маура Хили.