17 години од масакрот кај Карпалак

Денеска се навршуваат 17 години од трагичниот настан кај Карпалак на автопатот меѓу Скопје и Тетово.

Од заседа беше нападнат армиски конвој во кој беа масакрирани десет војници од резервниот состав на АРМ, а  Карпалак важеше за место надвор од воената зона.

На овој ден пред 17 години од заседа беа убиени десетте прилепски бранители, Сашо Китаноски,Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Чествувањата во Прилеп започнаа синоќа со посета на споменикот во гарнизонот Мирче Ацев, а синоќа беше посетено и спомен обележјето кај манастирот Света Петка близу Лениште.

Денеска на Карпалак  цвеќе ќе положат делегации на собранието на Република Македонија и на генералштабот на АРМ, локалните власти од Прилеп како и претставници од истоименото здружение ,,Карпалак“, од Прилеп.

Напладне со низа чествувања овој ден од македонската понова историја ќе се одбележи и во Прилеп.