
„Левица“ поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум, со која бараат нејзино поништување. Оттаму сметаат дека има повеќе причини поради кои треба да сопрат активностите за организирање и спроведување на референдумот. Очекуваат уставните судии да ја разгледаат нивната иницијатива веднаш по летните одмор, а пред 30 септември, датумот на кој е закажан референдумот.
Бидејќи во иницијативата се бара времена мерка, тоа значи дека иницираме итна постапка и очекуваме Уставниот суд веднаш по годишните одмори, а тоа значи пред референдумот да се произнесе. Во случај да не се произнесе, можно е постфестум да ги поништи резултатите, рече Димитар Апасиев од „Левица“.
Според него, тие ја побиваат одлуката бидејќи по неколку точки не е во согласност со Уставот, Законот за референдум, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венециската комисија. Една од причиите е што референдумот е консултативен.
Членот 120 предвидува облигаторен и задолжителен референдум, рече Апасиев посочувајќи дека според нивното истражување Република Македонија воопшто нема донесено одлука за членство во ЕУ.
Според Апасиев, прашањето е „стапица“ за гласачите, и тоа според него треба да биде формулирано така што ќе го содржи новото име на државата, предвидено со Договорот со Грција.
Според податоците на Левица, само 14 % граѓани го поддржуваат Договорот од Преспа. Тие најавија бојкот на референдумот.