
Полицискиот затворски синдикат поднеле предлог-закон за извршување на санкции и алармираат дека не се доделуваат рамномерно бонусите за ноќна смена, празник и прекувремена работа во сите затвори, еше соопштено во неделата на прес-конференција.
Бараат поголеми плати и нови вработувања, зашто полициските службеници немаат мотив да работат за минимална плата од околу 14.000 денари. Поради тоа се поднесени 900 тужби, поради законот за работни односи.
„Тужбите се однесуваат за работа ноќе, работа на ден за неделен одмор, прекувремено, бонус плата за остварени часа над 190 часа, како и степенот на сложеност. Процентот на исплата е погрешен. Во законот за работни односи стои за 40 отсто во делот на прекувремена работа, а не исплаќа 35 отсто“, изјави Горан Ристески, претседател на независен синдикат на затворска полиција и администрација – Затвор Скопје.
Официјално барање за средба од независниот синдикат за затворска полиција е доставено до министерката за правда пред пет дена и очекуваат со неа да разговараат за проблемите. Средби досега имале и со премиерот Зоран Заев, но велат дека подобрување сè уште нема.
„Дваесет отсто на овластувањата, ние досега таа категорија сме ја немале. Во МВР веќе одамна ја имаат. Ние сме овластени службени лица без овластувања. Ризикот на работа 30 посто, повторно нагласувам исто како што е во МВР. Не бараме преку леб погача. Забрана за носење оружје, некој таму смислил на таа ризична работа што ја работиме да вметне во закон дека ние не смееме да носиме оружје со нас“, изајви Иво Јордановски, претседател на синдикална организација на КПУ Затвор – Куманово
Од нивните барања не сакаат да отстапат. Ја споредија праксата во Ирска, каде во еден затвор каде што има 800 осуденици, има 600 полициски затворски службеници. Иако европската пракса предвидува во просек еден полицаец да обезбедува тројца осуденици, сепак кај нас бројките се далеку поголеми, а службениците во застарените униформи се ставени на сè поголем ризик на работно место, бидејќи нема доволно кадар да внимава на осудениците за тежок криминал.