
Во Кривичниот суд во Скопје во четвртокот продолжи судењето за случајот „Титаник“, во кој е обвинет поранешниот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ.
Во судот пристигнаа обвинетите поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски Гордана Јанкулоска односно Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер, како и пратеникот Илија Димовски.
Одбраната на обвинетите во случајот „Титаник“ бара да се докаже дека снимките се автентилни, односно дека не се преснимувани повеќе пати и на нив е интервенирано.
На почетокот на главната расправа, одбраната излезе со став дека бомбите не се доказ кој е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани.
Одбраната го побара и записникот за предавање на бомбите од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година, а го побара и документот со кој СЈО ги побарало бомбите од СДСМ.