Бугарската влада денес одобри акциски план за придружување на земјата на Европскиот механизам на девизни курсеви (ЕРМ-2) и за пристапување во банкарската унија до јуни следната година.
Бугарија во јули аплицираше за влегување во ЕРМ-2, таканеречената „чекална“ и задолжителниот двегодишен преоден период за воведување на еврото, откако министрите за финансии на еврозоната и Европската централна банка (ЕЦБ) ѝ дадоа на Софија „зелено светло“.
Бугарија, чија валута лев е врзана за еврото преку валутен одбор (аранжман со фиксен девизен курс кон валутата која се смета за резервна), е првата земја која не е членка на еврозоната а која бара да пристапи во банкарската унија, што ќе ѝ овозможи на ЕЦБ да ги надгледува водечките бугарски заемодавци, известува Ројтерс.
За да ги подобри своите шанси, Софија прво мора да ја унапреди својата макрофинансиска рамка, да го зајакне надзорот на финансискиот сектор, како што се пензиските фондови и осигурителните компании, и да вложи повеќе напори во борбата против перењето пари.
Треба и да се подобри законската рамка која се однесува на стечајната постапка откако ќе се разгледа законската регулатива и ќе се подготват соодветни измени.
Спроведувањето на наведените мерки ќе обезбеди ускладување со претходно преземените обврски во областите на политиката кои се од големо значење за непречената транзиција во ЕРМ-2 и банкарската унија до 2019, а што ќе резултира со воведување на еврото, се вели во соопштението на бугарската влада.
Се очекува ЕЦБ да спроведе проверка на квалитетот на активата и стрес тестови во бугарските банки пред да го одобри почетокот на процесот на пристапување кој би можел да потрае една година, но и подолго, во зависност од напредокот на земјата.
Со ниска инфлација, буџетски суфицит и мал јавен долг, Бугарија веќе ги исполнува номиналните критериуми за воведување на единствената европска валута.
Меѓутоа, нејзиниот бруто домашен производ по жител изнесува едвај половина од просекот на ЕУ, а сеприсутната корупција и проблемите во некои од нејзините банки фрлаат сенка на бугарската кандидатура за еврото.
Четвртата по големина бугарска банка банкротираше во 2014, а неделава ликвидацијата на една осигурителна компанија, чија централа е на Кипар, остави околу 200.000 Бугари без автомобилско осигурување, што доведе до оставка на шефот на телото за надзор над осигурителните друштва, пишува Ројтерс.