Убиецот на музичката икона Џон Ленон, сега 63-годишниот Марк Дејвид Чемпмен ќе остана во затвор уште најмалку две годни, откако му е одбиено барањето за условно пуштање на слобода, изјави во петокот портпаролот на њујоршката комисија за пуштање на условна слобода.
Ослободувањето на Марк Чепмен би било „во несогласност со благосостојбата и безбедноста на општеството“ се наведува во одлуката на американската Комисија за предвремено ослободување којашто по десетти пат на убиецот на легендарниот британски музичар Џон Ленон, Марк Дејвид Чепмен, му го одбила барањето да биде пуштен од затвор на условна слобода.
„Вие внимателно сте го планирале и извршиле убиството на светски позната личност без никаква причина, освен да станете познати“, се додава во одлуката. Според Комисијата, неговото пуштање од затвор би претставувало ризик за општеството, бидејќи би можел да се појави некој кој би сакал од одмазда или од гнев да му наштети на Чепмен.
Убиецот на легендарниот британски музичар Џон Ленон, Марк Дејвид Чепмен е осуден во 1981 година на доживотен затвор поради убиството на тогаш 40-годишниот Ленон извршено на 8-ми декември 1980 година пред зградата на Менхетен во Њујорк каде што живееше музичарот, кога тој со сопругата Јоко Оно се враќале од студиото „Hit Factory“. По 25 минути лекарите ја констатирале смртта на Ленон поради голема загуба на крв.
Чепмен не се обидел да побегне од местото на злосторството, каде полицијата го нашла како ја чита книгата „Ловецот во ‘ржта“ на Џером Селинџер.
Пред да го испланира убиството на Ленон, тој неколкупати се обидел да си го одземе животот и се лекувал од депресија. Покрај тоа во истрагата Чепмен признал дека размислувал и за атентати на актерката Елизабет Тејлор и врз поранешната прва дама на САД, Жаклин Кенеди Оназис, за да го привлече вниманието врз себе.
Тогаш судот го прогласи Чепмен за пресметлив и го осуди на доживотен затвор со право на жалба за помилување по 20 години, рок кој истече во 1991 година. Сепак, првпат можеше да побара предвремено пуштање од затвор во 2000 година. По ова десетто одбивање, следното барање ќе може да го поднесе во август 2020 година.