Се’ уште нема осомничен или осомнични за тројното убиство во Дебар, а надлежните велат дека истрагата е во тек и во интерес на истрагата не соопштуваат поединости.
Од Секторот за внатрешни работи Охрид велат дека се анализираат собраните доказни материјали и се повикуваат на распит луѓе кои комуницирале со семејството. Во расветлување на случајот работи и надлежното јавно обвинителство.
„По наредба на јавниот обвинител беа земени парафински ракавици и беше извршен претрес во домовите на неколку лица со кои жртвите во последниот период поинтензивно контактирале, но се уште нема осомничен извршител на кривичното дело. Дополнително, ќе бидат сослушани сите лица кои ги познавале жртвите и кои би можел да помогнат за расветлување на случајот“, велат од јавното обвинителство.
Брачната двојка Поцеста и нивната 14-годишна ќерка беа погребани во вторникот на муслиманските гробишта во Дебар. Поради грозоморното убиство, општинскиот совет денеска ја одложил и работата.
Поради грозоморното убиство, што ја вознемири не само дебарската, туку и пошироката македонска јавност, Советот на општина Дебар ја одложи за денеска закажаната седница, откако советниците им оддадоа почит со едноминутно молчење.
„Вакво нешто не се памети во нашиот град. Советниците донесоа одлука да се одложи седницата и сите заедно да одиме и на најблиските да им изразиме сочувство, а на тројцата и последна почит“, рече претседателот на советот Башким Машкули.
Во саботата ноќта се случи тројното убиство на улицата „1-ви Мај“ во Дебар. На спиење смртно беа застрелани Поцеста и нивната малолетна ќерка, но од домот ништо не било одземено.
И градоначалникот Ружди Љата претходно изјави дека ваквов настан не се случил во градот во изминатиот век.
Тројцата членови од семејството Поцеста, кои смртно беа затрелани во нивниот дом, денеска се погребани на муслиманските гробишта во Дебар.
Онаму каде што живееја и беа убиени, во нивниот дом, како и во соседната куќа, на најблиските на Амит, Назмие и нивната четиринаесетгодишна ќерка Анила, голем бтој граѓани им изразуваа искрено сочувство.
„Наместо за Италија, каде денеска планираа да си заминат, еве судбината сакала да ги испратиме до нивните вечни почивалишта. Тој ни беше единствен брат, неговата душа беше секогаш преполна со разбирање и солидарност за секого. Бог да го казни тој што ни ги одзеде и нашите души ги претвори во пекол“, низ солзи зборуваа неговите три сестри.
Инаку, тројцата членови од семејството Поцеста беа застрелани со пиштол во неделата во утринските часови, во нивниот дом, додека спиле. Сопружниците биле најдени во спалната соба, додека девојчето во нејзината соба.
Сопружниците Поцеста, кои имаат уште две возрасни ќерки, речиси три децении живееле и работеле во Италија, а во родниот крај вообичаено, како и секоја година, доаѓале за време на летниот одмор. Двете ќерки за Италија заминале пред неколку денови.
Трите безживотни тела ги пронашле роднини, кои откако виделе дека ги нема на домашната веселба на нивен близок роднина и не се јавувале на телефонските повици, заминале во нивната куќа, и, според нивното сведочење, влегле преку отворен прозорец со помош на скала. Шокирани од глетката ја известиле Полициската станица од општа надлежност во Дебар, која потоа ја информирала Општата болница. Екипа на итна медицинска помош веднаш пристигнала, но за жал лекарот само констатирал смрт.