
Шведските социјалдемократи, кои се актуелната владејачка партија, ја претставија во вторникот својата изборна програма во којашто ветуваат дополнителна седмица за годишен одмор за родителите.
Според анкетите, социјалдемократите на изборите кои ќе се одржат на 9-ти септември ќе останат најбројната партија во парламентот, но поддршката константно им опаѓа уште од 2014 година кога ја преземаа власт во малцинската влада со зелените.
Во Шведска со закон е пропишан годишен одмор во траење од пет седмици за вработените со целосно работно време, како и долготрајно родителско отсуство, што нема во ниедна земја во Европа.
„Многу работници тешко можат да го користат годишниот одмор кога се училишните распусти. Затоа сакаме дополнително да им помогнеме на вработените родители“, се наведува во изборната прогама на социјалдемократите.
Планот, кој ќе чини 5,4 милијарди шведски круни, или половина милијарда евра годишно, значи дека родителите на децата на возраст меѓу 4 и 16 години би имале дополнителни пет дена годишен одмор.
Премиерот Стефан Лофвен вети уште 34 милијарди круни, или 3,18 милијарди евра, за социјални услуги во следните четири години, како и зголемување на буџетските ставки за војската и полицијата.
Социјалдемократите, коишто на изборите во 2014-та освоија 31 отсто од гласовите, според анкетите сега имаат околу 25 отсто доверба и се пред Умерената партија и десните Шведски демократи.