Тенк: Одбраната бара, судот не дозволува одлагање на судењето

Во Кривичниот суд Скопје 1 се уште се чека да започне главната расправа за случајот „Тенк“ во издвоената постапка за екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Судот не и дозволува на одбраната на Јанкуловска да се одложи судењето со образложение дека се чека на одлуката на Апелациониот суд во врска со истиот предмет во кој веќе неправосилно се осудени поранешниот раководител во МВР, Ѓоко Поповски и екс премиерот Никола Груевски.

Бидејќи утре и задутре Апелација ќе одлучува по жалбите на веќе осудените во овој случај сметаме дека таа одлука ќе биде особено важна за одбраната на Јанкуловска. Затоа бараме одлагање на рочиштето, рече адвокатот Боро Тасевски.

СЈО не се согласи со ваквиот предлог, а судот го одби со образложение дека сите докази во фотокопија ги има во предметот за Јанкуловска.

Во моментов одбраната изнесува приговори во врска со постапката, а се однесуваат на траењето на рочиштата и надвор од работното време на судот како и на прислушуваните разговори кои за одбраната на Јанкуловска се незаконски и бара да не бидат земени во предвид.

По изнесување на приговорите судот треба да се изјасни по нив по што треба да почне и главната расправа со сослушување на обвинетата Јанкуловска како и на двајцата предложени сведоци кои денеска се присутни во судот.

СЈО предложи на Јанкулоска, а судот прифати да и се суди посебно, откако адвокатите претходно приложија медицинска документација за отворено лекарско боледување поради бременоста.

Кацарска за септември закажа 11 рочишта за овој предмет.

Случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинтелство се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.

За истиот предмет, експремиерот Никола Груевски доби казна затвор од 2 години, а второобвинетиот Ѓоко Поповски, доби 6,6 години затвор.

Апелација утре ќе одлучува за жалбата на Груевски за овој предмет.

Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување како поттикнувач. За ова кривично дело на поранешната министерка  и се заканува казна затвор од најмалку 5 години.

Според обвинението, Јанкулоска за да го исполни барањето на Никола Груевски, со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело.