
Тројца од петорицата Македонци кои учествуваа на неофицијалното Светско првенство во ултрамаратон на трката околу Мон Блан стигнаа на целта по цели 35 часа и 37 минути на позициите 357-359.
Жикица Ивановски, Игор Пирковски и Игор Јовановски стигнаа до целта и комплетираа невиден спортски подвиг. Двајца наши натпреварувачи не ја завршија оваа неверојатно тешка трка од 171 километар. Александар Симјаноски морал да се откажи по 92 километри поради проблеми со стомакот, а Никола Цицоски не успеал да го фати лимитот на 80 километри, но секако мора и на двајцата да им се честита за храброста да се натпреваруваат на една ваква трка.
Должината на ултрамаратонот и не е најголемиот проблем за натпреварувачите, туку постојаната висинска разлика на Мон Блан и температурната разлика, бидејќи на одредени делови од патеката таа достигнува и до -10 целзиусови степени. 15-тото издание на трката „Ултра Треил ду Мон Блан“ стартуваше во петокот во 18 часот, а учество земаа дури 2.400 натпреварувачи од целиот свет.