Качински порача дека Полска мора да ги избегне „општествените болести“ на ЕУ

Полска ѝ припаѓа на Европската унија, но мора да внимава „да не се зарази со општествените болести“ кои доминираат во ЕУ, изјави во неделата челникот на владејачката полска партија Правда и справедливост (PiS), Јарослав Качински.

На конвенцијата на владејачката партија, Јарослав Качински, рече дека членството во ЕУ „беше најкусиот пат за Полска да го постигне паритетот кога станува збор за животниот стандард“ со своите западни сојузници.

„Тоа не значи дека треба да ги повториме грешките на Западот и да се заразиме со општествените болести коишто таму владеат“, рече Качински изнесувајќи ги приоритетите на изборната кампања на PiS на конвенцијата во пресрет на локалните избори кои ќе се одржат во октомври.

Качински застана во одбрана на нивото на демократија во неговата партија и ги обвини критичарите и од домашната и од европската сцена дека „им служат на моќните интереси и се договараат со светските моќници“, очигледно алудирајќи на поврзаноста меѓу неолибералната опозиција во Полска и исто таквите етаблирани политички елити во Брисел.

„Реков дека ќе бидеме соочени со тешка битка и дека тешки камења ќе бидат фрлани… Нé напаѓаат, и однатре и однадвор… на начини кои ја забошотуваат стварноста и сакаат да ја понижат Полска… Лесно е да им се служи на интересите на најмоќните. Доколку сакате да му служите на општеството, на земјата, тоа е многу потешко“, порача Качински.