
Oпштина Битола во соработка со своите партнери од Грција, општинската компанија „Детепа“ од Аминтео и Технолошкиот образовен институт од Кожани одлучи да аплицира за искористување на ЕУ фондовите од третиот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција. На овој повик Општина Битола аплицира со проектот„Заштита на животната средина преку промоција на биомаса за замена на фосилните горива во постројки за греење и електрична енергија” со акроним BIOFOSS. Вкупен буџет на проектот со кој е аплицирано е 538.902 евра од кои 183 502 евра од овој проект се за општината од ИПА фондовите. Апликацијата е поднесена септември 2013 година. а проектот е одобрен април годинава.
Во рамките на проектот предвидено е со мини пелет линијата да се изработуваат пелети од отпадна биомаса од градското зеленило и истите да се употребат за задоволување на дел од потребите од топлинска енергија и санитарна топла вода во Спортската сала Младост со што покрај главната цел се постигнува уште неколку важни стратешки цели на Општина Битола како што се создавање на услови за отворање на нови работни места, подобрување на условите за работа на спортистите како и заштеда на финансиски средства и енергија.
Со имплементирање на проектот се очекува дирекни ефекти за Општина Битола со што многу ќе се допринесе за заштита на животната средина но и ќе се намалат трошоците за топлинска енергија за околу 30.000 евра годишно за Спортска сала Младост во Битола, ќе се добие квалитетно решение за загревање на санитарна топла вода потребна за туширање на спортистите и ќе се отворат 3 до 4 работни места.