Ердоган повика да се урне монополот на американскиот долар

Турција ќе продолжи со трансакциите за кои не користи американскиот долари во трговијата и во инвестициите со други земји, изјави во понеделникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган како одговор на санкциите во САД.

Турскиот челник го спореди однесувањето на Соединетите држави кон неговата земја со однесувањето на „диви волци”.

„Ние треба постепено еднаш засекогаш да го уништиме монополот на доларот користејќи ги локалните и националните валути меѓу нас”, рече Ердоган на бизнис форумот во Киргистан.

Според турскиот претседател, системот поврзан со доларот кој беше дизајниран да ја поедностави глобалната трговија се претвори во голем проблем. Целта на манипулирањето со девизните курсеви е другите да се посомневаат во силната и здрава турска економија.

„САД се однесуваат како диви волци. Не верувајте им… Користењето на доларот само ни штети. Ние нема да се откажеме. Ќе победиме“, порача Ердоган.

Турција во моментот се бори со тешка валутна криза предизвикана од ескалирачките санкции на САД. Лирата годинава загуби околу 42 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар како резултат на дипломатскиот спор меѓу Анкара и Вашингтон. Податоците од турскиот Институт за статистика покажаа дека стапката на инфлација во земјата минатиот месец се искачи на речиси 18 отсто. .

Вашингтон примени економски притисок врз Анкара поради притворањето на американскиот евангелистички пастор Ендрју Брансон, кој пред две години беше обвинет дека помагал во неуспешниот воен преврат од 15-ти јули 2016 година, како и дека соработувал со забранетите организации кои се прогласени и во Турција, но и во САД и во ЕУ, за терористички организации.

Засега Белата куќа ги замрзна средствата на турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, и на министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, поради нивните наводни „водечки улоги” во затвоањето на Брунсон. Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги удвои сегашните увозни тарифи наметнати на турскиот челик и на алуминиумот на 20 односно 50 отсто. Како одговор, Анкара најави тарифи за увоз на одредени стоки од САД, вклучувајќи ги автомобилите, алкохолот и тутунот.