Зекири: Исплашени од толпата, се молевме за нашите животи и за полициска интервенција

Со сослушување на сведоци продолжи судењето за случајот со нападите во Собранието на 27 април, во кој на 33 лица им  се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и за помагање. Како сведоци денес беа повикани пратеникот Мухамед Зекири и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Пратеникот Зекири пред судот раскажа дека тој ден бил во Собранието и се наоѓал во галеријата во прес-салата. Додека Талат зборувал, пратеникот раскажа дека се отвориле вратите на Собранието, толпата влегла внатре, а тој и неколкумина колеги се обиделе со качување на маси една врз друга, да симнат неколку колешки на побезбедно место. Зекири раскажа дека кога почнало влегувањето на толпата во Собрание видел човек со беретка на глава, со црно елече и маичка и радио-станица во рака и пред судот го опиша како збунет кој не знаел каде се наоѓа ниту што да прави, туку во тие моменти се симнал надолу по скалите. Во својот исказ пред судот пратеникот Зекири раскажа дека, гледајќи што се случува, тој и неговите колешки кои биле во близина се испаничиле и, како што кажа, забележал дека прв на мета на толпата бил Зоран Заев. Од нападите од толпата кои биле со стативи, со монитори и со други предмети пратеникот Зекири раскажа дека се засолниле влегувајќи во една од двете кабини за превод, заедно со Рената Дескоска, Тања Ковачев, Ивана Туфегчиќ и Прентовиќ и со стол ја заглавиле вратата. Од тука гледале што се случува и виделе дека биле нападнати Фросина Ременски и павле Богоевски.

Толпата го извикуваше моето име, извикуваа каде Муки, каде е шиптарот, каде е Мухамед Зекири и се закануваа дека не убијат сите. Тоа траеше околу два часа, во кабината беше загушливо, знаевме дека нема да издржиме уште многу. Видовме крвави лица на мои колеги, на Заев, на Манчевски, на Спасовски, а најтешко повреден беше член на обезбедувањето на Спасовски. Чувствувавме страв, мислевме на нашите семејства кои постојано ѕвонеа и не прашуваа дали сме живо. Разгневената толпа напаѓаше пратеници со сите расположиви средства. Видов лице со пиштол облечено во црна маичка, ќелав и со брада“, раскажуваше пратеникот Зекири.

Тој дополни дека во агонијата која ја поминале повеќе од два часа се молеле да почне полициска интервенција и се молеле, како што рече, за нивните животи.

Откако ја слушнале првата шок-бомба сфатиле дека е тоа добар знак и дека полицијата почнува да интервенира. Во своето сведочење Зекири рече дека во прес-центарот ги видел пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев, кој ги бранел колегите во првите редови. Лицата кои ја координирале толпата кога да напаѓа, а кога да се повлекува, сведокот ги опиша како лица со тетоважи и фантомки.

По ова, Зекири рече дека биле евакуирани во касарната Ѓорче Петров, каде имало и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Судењето е во тек. По Зекири во судница треба да сведочи и Шилегов.