
Ќе биде ли автопатот Кичево – Охрид најскапиот автопат по цена на чинење на километар, ќе се знае на десетти октомври. Само за доизградба на тунелот, кинеската „Синохидро“ побарала дополнителни 152 милиони евра.
Владата е убедена дека ќе успее да се испазари, сумата да се намали од 25 до 30 милиони евра. А вкупните заштеди за целиот автопат долг 57 километри, да бидат околу 80 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во 2014 година и требаше да чини околу 400 милиони евра.
Пратениците утре ќе треба да го разгледуваат анексот од Владата на договорот со „Синохидро“со кој се бара 205 милиони евра од обезбедените пари од Ексим банката да се одмрзнат за трошење. Очекува градежните работи на автопатот Охрид – Кичево кој повеќе од една година е во целосен застој да продолжат наесен.
Владата со помош на меѓународни експерти целосно го ревидираше проектот кој имаше низа недостатоци. Автопатот немаше клучки за влез и излез, регионални патишта, не беше решена експропријацијата, а трасата минувала и над резервоарот со вода за Кичево. Со новиот анекс „Синохидро“ се откажува од казнената клаузула, а се спречува пропаѓање на домашните градежници кои се подизведувачи на автопатот, но и на банките кои се нивни гаранти.
Токму транспарентноста и отчетноста беше повод пак вицепремиерот да направи инцидент на брифингот со новинарите. Анѓушев по презентацијата, револтирано го фрли фломастерот кон масата каде беа новинарите, лут дека дел од нив го критикувале и ја минирале токму неговата транспарентност и посветеност кон работата.