
Еден ден пред новиот круг разговори меѓу Косово и Србија, косовскиот претседател Хашим Тачи увери дека нема да има поделба на Косово, нема размена на територии и нема да има Република Српска во Косово. Пред амбасадорите на Косово, Тачи рече дека со Србија, Косово ќе потпише договор, кој ќе биде прифатлив за САД и за ЕУ.
Косовско-српскиот историски договор ќе има смисла само ако се случи реципрочно признавање. Ако се постигне договор, мора да се случи реципрочно признавање и отстранување на сите пречки за членство на Косово во ОН и во сите други меѓународни организации. Исто така, ќе се случи и демаркацијата на границата, вклучувањето на Прешевската долина, Медвеѓа и Бујановац. Но мора и нешто отворено да кажам. Косово нема смисла без Митровица и Газивода. Нема да има поделба, нема да има размена и нема да има Република Српска во Косово. Ние ќе потпишеме договор со Србија, правно обврзувачки меѓународен договор, само таков кој ќе биде прифатлив за Вашингтон и за Европската унија, изјави Тачи.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај нагласи дека дијалогот со Србија нема алтернатива.
Ние се обидовме на друг начин, со војна. Од војната излеговме. Враќање кон војна е невозможно. Треба да најдеме решение. Мораме да постигнеме правно обврзувачки договор со Србија. Кога велам ние, мислам Косово. Косово со својот народ, со својот устав, со својата територија, со своите граници. Нема ништо друго. Ако експериментираме со себе, тогаш се враќаме назад. Да бидеме свесни за тоа, нема да правиме експерименти со себе. Но, отворени сме за постигнување на договор со нашиот сосед, рече Харадинај.
Утре во Брисел претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, ќе се состанат на нов круг разговори за нормализирање на односите. Еден ден потоа, српскиот претседател Вучиќ ќе престојува во Косово, за што косовското министерство за надворешни работи му даде дозвола.