Шилегов: Истрелот на Тасевски спречи поголема катастрофа во Собранието

На продолжението на судењето за “крвавиот четврток” денеска сведочеше и тогашниот пратеник сега градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој во своето сведочење во детали раскажа што видел и што слушнал дента на 27 април 2017 година.

Тој рече дека е убеден дека упадот во Собранието е кулминација на добро смислена акција креирана неколку месеци порано.

Слушавме тепање, викање, удари, закани. Дел од обезбедувањето на Заев и Спасовски излезе надвор пред вратите но по извесно време се вратија и рекоа дека не можат да издржат да ја задржат дивата орда да влезе во прес салата. Саше, еден од обезбедувањето се повлече кон нас и тој беше последниот што остана да ги брани нашите животи, рече, со треперлив глас и насолзени очи, Шилегов.

Според сеќавањето на Шилегов нападите кон пратениците на СДСМ биле континуирани и јаки се’ додека еден од членовите на обезбедувањето на Оливер Спасовски не извадил пиштол и не испукал куршум во воздух.

Пред тоа тој не’ праша дали да извади пиштол. Спасовски му дозволи а и сите ние. Само му рековме да не пука во луѓе. Иако нападите не престанаа, мислам дека тоа спречи поголема катастрофа, рече Шилегов.

Тој уште кажа дека добиле помош и заштита од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров.

Ѓорчев дојде во прес салата со уште неколку луѓе кои ги знаеше по име и направи тампон зона помеѓу нас и ордата. Подоцна пак Тодоров се понуди заедно со брзата помош да бидат евакуирани неколку пратеници од СДСМ меѓу кои и јас. Ние тоа го одбивме. Рековме или сите ќе излеземе или никој, сведочеше Шилегов.

Шилегов пред судот тврдеше дека тој, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски и Мухамед Шаќири биле “на листата за егзекуција на ордата” затоа што, како што рече тој, толпата во прес центарот ги извикувала нивните имиња, ги навредувала и им се заканувала дека сите ќе ги убие, “ќе ни ги убие децата, семето ќе ни го сотре”.

Како и на сведочењето на Зеќири така и сега адвокатот Еленко Миланов побара од судот да му дозволи да прочита дел од исказот на Шилегов даден пред обвинителството за време на истрагата. Миланов смета дека исказот на Шилегов даден пред обвинителството и денеска пред судот не се совпаѓаат, а тоа може суштествено да влијае врз текот на постапката и подготовката на одбраната.