Светскитe сили согласни со Британија: руската влада речиси сигурно го одобрила труењето со нервен гас

САД, Франција, Германија и Канада се согласија со Британија дека руската влада „речиси сигурно“ го одобрила труењето со нервниот гас новичок на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија во англиски Солзбери.

Би-би-си пренесува дека тие земји бараат од Русија да овозможи целосен пристап до програмата новичок.

Заедничкиот став дојде по средбата на Советот за безбедност на Обединетите нации на која се дискутираше за нападот врз Скрипаљ.

Британското обвинителство вчера поднесе обвинение против двајца руски државјани поради труењето на Скрипаљ и неговата ќерка. Наведено е дека Александар Петров и Руслан Боширов во отсуство се обвинети за заговор да се изврши убиство, обид за убиство и употреба на нервен агенс.

Британската премиерка Тереза Меј кажа вчера дека осомничените се припадници на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, и дека труењето мора да било одобрено од некој од врвот на руската држава.

Кремљ денес соопшти дека Русија нема причина да води истрага против двајцата кои Британија ги обвини за обид за убиство на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипаљ со нервен агенс и ги отфрли тврдењата дека за нападот во крајна инстанца е одговорен рускиот претседател Владимир Путин.