
Владата на Црна Гора денеска одлучи дека на барање на Италија ќе прифати петмина мигранти од бродот „Дичиоти“, кои кон крајот на минатиот месец се истоварија на италијанскиот остров Сицилија.
Владата, признавајќи ги принципите на хуманост и солидарност со луѓето во неволја како традиционални вредности на црногорското општество, потврдени многупати во неговата историја, одлучи Црна Гора да прифати петмина мигранти од бродот „Дичиоти“, се вели на Твитер профилот на црногорската Влада.
Исто така се наведува дека со едногласната одлука Владата ја потврдила својата посветеност на европскиот систем на вредности и го потврдува човековото достоинство. Минатата недела, преку нејзината амбасада во Подгорица, италијанската влада побара од Црна Гора да прими одреден број мигранти, од вкупно 140 кои се симнаа во Сицилија.